Македонија
7. October 2015 - 16:33

76-годишен пешак загина во Ѓорче Петров откако во него удри возило управувано од гостиварчанец

Ниту новите ограничувања на брзините, ниту драконските казни неможат да ги скротат несовесните возачи. Уште еден пешак го загуби животот на скопските улици откако утрово бил прегазен со автомобил. Несреќата се случила откако минувајќи на пешачки премин 76 годишен жител на Ѓорче Петров бил удрен од гостиварчанец кој возел кон излезот на Скопје.

Неофицијално, причините за сообраќајката која се случила рано утринава е огромната брзина со која се движел возачот на комбето.

Иако измени во законот за сообраќај стапија на сила тоа не значи и крај на сообраќајните несреќи. Неприлагодената брзина и непочитувањето на пешачките премини причина за уште еден трагично загубен живот на скопските улици.

Законските измени кои стартуваат со важење од денеска за возачите значат намалување на брзината и поголемо почитување на патната сигнализација.

50 километри на час е новата максимално дозволена брзина на улиците на Скопје. Новите законски измени кои беа донесени со цел намалување на сообраќајните несреќи и жртвите ја намалија брзината за 10 километри на час.

За поефикасно спроведување на мерките градските власти најавија дека привршуваат подготовките за замена на знаците со кои се обележува максималната брзина.