Македонија
1. јуни 2020 - 16:48

7 починати и 89 новозаразени во последните 24 часа - деновиве ќе се одлучува за карантин и полициски час

Здравствените власти ќе чекаат два до три дена и ќе одлучат дали Чаир, Штип, Тетово ќе бидат изолирани по примерот на Дебар, поради алармантниот број на новозаболени во овие општини. Не е исклучена и можноста од враќање на полициски час во местата каде се шири корона вирусот. Наместо намалување на позитивните на Ковид 19 како што регистрираат сите земји од регионот, во Македонија вирусот зема нов замав. Изминатото деноноќие биле потврдени дури 89 новодијагностицирани и 7 смртни случаи од 44 до 83-годишна возраст. Шест пациенти починале во ГОБ „8 ми септември“, а еден на Инфективна. Но и покрај ова, министерот Филипче вели дека состојбата е под контрола, бидејќи голем број од заболените имале лесна форма на болеста.

Беше констатирано дека нема неконтролирано ширење на вирусот. За дополнителни рестриктивни мерки ќе се почекаат резултатите од следните 2-3 дена, а потоа ќе се носат одлуки. МВР да работи засилено на имплементација на мерките. Под рестриктивни мерки се подразбираат воведување на полициски час на локално ниво.

Загрижувачка е состојбата во главниот град каде од 35 потврдени случаи денеска најголем број се во Чаир а најверојатно ново жариште станува и Студеничани каде има поголем број на заразени. Во денешната здравствената статистика од Скопје, има и три лица од старечки дом од кои еден е вработен а другите се сместени во установата. Во арестантското одделение на скопските клиники, пак, е хоспитализиран притвореник од внатрешноста кој требало да биде примен во Истражниот затвор во Шуто Оризари, но поради позитивниот тест завршил во болница.  

-Кластерите се познати како и контактите. Апелирам до Министерството за внатрешни работи поинтензивно да врши проверки на терен. Засега остануваат да важат сите мерки кои се веќе на сила, вели Филипче. 

Меѓу заболените и понатаму има такви кои кријат со кој се биле во контакт, па епидемиолозите имаат проблем со правењето на анкетата и изолирање на сите сомнителни.

Само во последните два дена евидентирани се 151 заразен и 9 смртни случаи. За ваквата состојба реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде велат дека Комисијата за заразни болести ги ставила партиските интереси пред здравјето на граѓаните.

-Република Македонија располага со реномиран и докажан медицински кадар кој што знае прецизно како и што треба да се направи во една ваква состојба. Затоа мора да го искористиме потенцијалот на професионалците и да се формира ново, комплетно независно тело од докажани експерти на кои водилка им е пред сè и над сè здравјето на граѓаните.

Инаку, изминатото деноноќие биле направени 727 тестирања од кои 312 се во рамки на скринингот во градинките и геронтолошките установи.