Македонија
15. May 2019 - 12:20

5 лица загинаа во сообраќајка на влезот на Драчево

Возачот и четворицата патници од возилото рено 5 се загинатите лица во несреќата што се случи пред полноќ на булеварот Борис Трајковски. Од Обвинителство информираат дека според првичните сознанија од увидот, несреќата се случила, кога автомобил рено 5 со скопски регистарски таблички во коj се превезувале жртвите, од непознати причини преминал на спротивната лента на коловозот и директно се судрил со камион за превоз на отпад. Од здобиените повреди починале сите патници во автомобилот, тројца мажи и две жени.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека сообраќајката се случила во 23 и 40 часот помеѓу товарно возило мерцедес со скопски регистарски ознаки, управувано од  М.Ј. 44 од Скопје  и патничкото возило управувано од Ј.Л 43 од Скопје. Возачот и сопатниците во возилото починале на местото на несреќата.

Возачот на камионот М. Ј се здобил со повреди и бил пренесен во Градската општа болница Св.Наум Охридски каде му била укажана лекарска помош и бил задржан на понатамошно лекување. Увид на местото извршил Јавен обвинител и увидна екипа на СВР Скопје. По наредба на Јавен обвинител телата на починатите биле предадени за обдукција.