Македонија
30. May 2020 - 16:37

22-годишно момче од Богданци приведено во обид да пренесе 13 мигранти

Наместо да застане на полицискиот знак, 22 годишен жител на Богданци кој превезувал мигранти се обидел да побегне, по што излетал од патот. Возилото со бугарски национални ознаки полицијата го забележала  на делницата од Богданци кон Гевгелија, по што веднаш се упатила по него. Поради не прилагодената брзина,   на крстосницата кај селото Миравци тоа  излетало од патот, а возачот побегнал. За кратко време е пронајден и предаден во СВР Струмица. Во возилото биле пронајдени 13 мигранти од Бангладеш. Тие се приведени во полициска станица за граничен премин и  надзор Богородица.

Во изминатите  два и пол месеци обидите за илегален премин на границата и обидите за криумчарење мигранти беа преполовени,  пред се како резултат на вонредната состојба и полицискиот час. Анализите покажуваат дека  олабавувањето на мерките за заштита од корона вирусот  во земјите од Југоисточна Европа ќе ја раздвижи илегалната миграција.Според проценките една од главните рути повторно ќе биде планината Беласица.

Од како стапија на сила мерките за затворање на границите и забраната за движење во полициската статистика беа забележани околу 1200 обиди за илегален премин на границите или намалување за нешто повеќе од 53%. Најголемиот дел од обидите беа регистрирани на границата со Грција. Според структурата доминираа државјаните од Авганистан, а по нив следуваат Пакистан, Сирија и Бангладеш.