Живот
1. јуни 2020 - 19:36

18-годишната балерина Стефанија Гаштарска - прва Македонка на Бољшој театарот

Спортистите имаат свои олимписки игри и светски првенства, филмаџиите го имаат Холивуд, оперските уметници ја имаат својата Метрополитен и својата Миланска скала, а врвот во балетската уметност секако е Бољшој театарот во Москва.

Од денеска и Македонија ќе има свој удел во историјата на оваа врвна светска балетска сцена.

18-годишната македонска балерина Стефанија Гаштарска од денеска официјално е дел од големата сцена на Бољшој театарот во Москва, Русија.

За овој голем успех на македонскиот балет и култура, за успехот на нашата балерина Стефанија Гаштарска ексклузивно во нашите утрешни информативни изданија.

Стефанија Гаштарска е првата македонска балерина која своето образование го заврши во престижната Бољшој балетска академија со најдобрите оценки. Таа е добитник на специјални дипломи за најдобар студент на академијата. Стефанија има многу настапи до сега на сцената на Бољшој театарот, на концерти, на важни настани, на гала концерти, гостуваше и во Атина со целовечерна претстава на „Оревокршачка“, каде ја имаше главната улога. Турнејата и беше организирана од Академијата.

Најважниот концерт оваа година и беше во Калинград каде настапуваше со најголемите ѕвезди на Бољшој театарот на директна покана од самиот театар. Стефанија е првата балерина од Македонија која е примена во Бољшој театарот. Ова е историски успех за македонскиот балет и култура.