16-та жртва на несреќата кај Ласкарци - почина тешко повредената девојка
Тешко повредената девојка во трагичната несреќа кај Ласкарци почина на КАРИЛ. 19 годишната студентка е 16-тата жртва на превртениот автобус на “Дурмо турс”. 40 дена медицинскиот персонал од КАРИЛ водеше борба за нејзиниот живот. На девојката и беа направени и неколку операции.
„Станува збор за деветнаесетгодишната девојка, на која и беше ампутирана ногата. Лекарите на КАРИЛ повеќе од еден месец правеа сѐ за го спасат нејзиниот живот. Изразуваме длабоко сочувство до фамилијата“, изјави раководителката на КАРИЛ, д-р Маја Мојсова Мијовска.
Во критична состојба во кома центарот на Клиниката за неврохирургија е уште еден тешко повреден патник во превртениот автобус.
Минатата недела обвинителството поведе постапка против 7 лица за големата несреќа. Меѓу нив се сопственикот на Дурмо турс, и возачот на автобусот. Судија на претходна постапка им определи 30 дневен притвор. Се товарат за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Истрагата покажа дека неисправните сопирачки и недозволената брзина од 99 км на час се главните причини за несреќата кај Ласкарци.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар