Балкан
11. јуни 2020 - 13:27

104 новозаразени од Ковид-19 во Бугарија

Бугарија регистрира 104 нови случаи на Ковид-19 во последните 24 часа. Со тоа, Бугарија бележи највисока бројка на новозаразени во едно деноноќие од почетокот на епидемијата наваму, јавуваат бугарските медуми.

Претходно, најмногу новодијагностицирани во 24 часа имаше во април, кога беа забележани 90 нови случаи на коронавирус.

Пред неколку дена, бугарскиот премиер Бојко Борисов најави дека во случај на над 100 новозаразени во 24 часа, во Бугарија ќе се вратат рестриктивните мерки. Главниот санитарен инспектор Ангел Кунчев потоа дообјасни дека критериумот на Кризниот штаб е всушност враќање на рестрикциите само ако тенденцијата на 100 новозаразени во 24 часа се задржи три дена по ред.

„Критериумот се однесува на три дена, бидејќи може да се случи во одреден ден да наидете на жариште, некаков работен колектив или село, што може нагло да ги крене бројките. Ако, сепак, тоа е тенденција и таа се задржи, тоа веќе навистина е сигнал дека е време да вратиме некои од рестриктивните мерки“, објасни Кунчев.

Борисов, денеска, уверува дека ситуацијата е под контрола. Тој повика граѓаните да останат спокојни и порача дека новиот пораст на заразените е во рамките на разумниот ризик, додавајќи дека во моментов вирусот не е толку „свиреп“, многумина го прележуваат релативно лесно и има многу повеќе оздравени.