Бизнис
20. September 2018 - 20:17

10 милиони евра од ЕБОР за модернизација на патот Крива Паланка - Деве Баир

Со 10 милиони евра кредит од ЕБОР ќе се реконструира патот од Крива Паланка до Деве Баир во должина од 13 километри. Делницата, која е дел од Коридорот 8, за поврзување на Црното со Јадранското море е важна и за македонската економија, и за регионот.

- Проектот ќе ги подобри економските врски на земјата со Европската унија преку соседна Бугарија, која е веќе членка на ЕУ. Надградбата на паневропскиот патен коридор се стреми кон креирање 10 главни транспортни коридори долж Европа, рече Су Барет, директор на тимот за транспорт во ЕБОР.

Директорот на државни патишта рече дека е завршена целосната документација од аспект на безбедност на патишта, а се чека само дозвола за градба.

- Целата идеја е заедно со експресните патишта до границата со Бугарија да направиме една целина. Постоечкиот пат ќе се реконструира целосно, ќе се прошири секаде каде што може со трета лента на постоечките, ќе се реконструираат три, а ќе се изградат нови четири моста, односно ќе се направи убав пат кој ќе биде целина од граничниот премин до Ранковце, рече директорот на ЈПДП, Зоран Китанов. 

За техничка поддршка при изградба на патот ќе биде обезбеден и грант од 2,6 милиони евра.