Македонија
21. April 2020 - 16:52

1 починат, 7-мина новозаразени, 24 излекувани од Ковид-19 - според Филипче пикот следи за 10 дена

Еден починат, 7- мина новозаразени и 24 излекувани е билансот од Ковид 19 во земјава во последните 24 часа.

Починатиот пациент е 70-годишник од Лабуништа кој бил хоспитализиран во ГОБ „8 септември“ на 8 април и веднаш приклучен на респиратор. И денешната статистика со малиот број нови случаи се должи на 3 пати помалиот број тестирања поради празничниот викенд. Изминатите 24 часа направени се 207 теста. Министерот за здравство останува на ставот врвот на заразата да биде достигнат до крајот на месецов. 

Бројката на заразени со коронавирус достигна 1231. Во моментот во болница се хоспитализирани 122-ца пациенти, 9 од нив се во критична состојба и на апарати за дишење. За контроверзниот случај со починатата Велешанка кај која посмртно беше дијагностициран Ковид-19, и се отвори дилемата дали заразата во земјава била присутна многу порано од февруари, Филипче изјави дека анализите на Судска медицина покажале дека смртта кај жената настапила во март.

Министерот за здравство информираше дека сите 50-бриса земени во истражниот затвор во Шутка се негативни, а Корона вирус не бил потврден ниту во Геријатрија во Ѓорче. И покрај трите случаи со коронавирус на Детската клиника кај лаборант, медицинска сестра и докторка од одделот за Имунологија Филипче рече дека установата продолжува нормално да функционира.