Македонија
15. April 2021 - 16:41

Жителите на Ново Маало чекаат да стартува градбата, општината бара начин за одложување

Општина Центар одлучува за суспензија на Деталниот урбанистички план за висококатниците проти ГТЦ. Министерството за транспорт ја чека одлуката на Советот на општината па потоа ќе даде мислење дали ДУП-от да се суспендира или не.

-Доколку се работи за суспензија на цел план, има можност за суспензија од 12 месеци додека да се донесе новиот план. Доколку се работи за суспензија за само еден дел од план, тогаш има можност за шест месеци да биде суспендиран тој план и во тие шест месеци да се донесе промената која би била адекватна и соодветна за матичната општина, вели министерот за транспорт, Благој Бочварски.

Жителите на Ново Маало и денеска побараа изградбата на висококатниците да почне час поскоро бидејќи живеат во супстандардни услови. Иако Ново маало не е опфатено со парцелата каде треба да се градат трите висококатници, жителите се надеваат дека ќе успеат да се договорат за да добијат станови.

-Како што цел град дава дозволи сакаме и ние да се договориме да си земеме стан место да се живее во овој простор тука, вели Иван Стојанов, жител на Ново маало.

Архитектите вчера го презентираа идејното решение. На паркингот спроти ГТЦ треба да се изградат 400 станови и да се вселат 1.200 граѓани.