Македонија
25. May 2022 - 17:41

Жителите на кочанското село Бели на протест против аерозагадувањето кое го предизвикува запалена депонија

Жителите на село Бели, Кочанско, денеска протестираа пред управната зграда на ЈКП „Водовод“, зашто се револтирани од аерозагадувањето кое го предизвикува запалената депонија која е во непосредна близина на нивната населба. 

Депонијата гори веќе 5 месеци, со помал или поголем интензитет, а тие се принудени да го вдишуваат токсичниот чад.

-Доколку вечерта нема чад, изутрината селото е покриено со магла, буквално во магла, не се излегува надвор, смрди, дури и пече на очите, изјави Дарко Арсов, жител на с. Бели.

-Две години носевме маски заради Ковид, сега повторно не можеме од дома да излеземе. Барем тогаш можевме во двор слободно да излеземе, сега не можеме да излеземе ни во дворовите, изјави Злате Данов, жител на с.Бели.

Последните неколку денови велата состојбата е катастрофална, па доколку надлежните не преземат мерки за гаснење на депонијата и целосно санирање на густиот чад, ќе бидат принудени да преземат радикални мерки. 

-Овој предупредувачки протест ќе прерасне во 24 часовна блокада на возилата на комуналното претпријатие, со што, ќе застанеме пред влезот на депонијата и нема да дозволиме повеќе да се доставува смет, се додека не се изгасне целосно,додаде Арсов.

Од „Водовод“ велат дека целосно го разбираат револтот на мештаните, но тешко се справуваат со ситуацијата, зашто несовесни граѓани постојано подметнуваат пожари на депонијата.