Македонија
24. September 2021 - 12:21

Заврши теренската вакцинација во струмичкиот регион - аплицирани над 7000 дози

Заврши теренската вакцинација во струмичкиот регион. Во изминатите два и пол месеци колку што траеше процесот мобилните тимови на здравствениот дом посетија вкупно 58 села во четири општини. Аплицирани се 7430 дози вакцини.

„Теренската вакцинација опфати 58 села во сите четири општини од струмичкиот регион и тоа, 17 села од општина Струмица, 14 села во општина Василево, 15 села во општина Босилово и 12 села во општина Ново Село. Секое село беше посетено по два пати. Вкупно беа администрирано 7430 дози од кинеската вакцина Синовак и резултираше со 2913 целосно имунизирани граѓани, а 1604 ги чекаме во пунктот за ревакцинација, рече д-р Миле Сапунџиев – ЈЗУ – Здравствен дом Струмица.

Од здравствениот дом Струмица задоволни од одзивот на граѓаните.

„Теренската вакцинација се одвиваше со добар одзив . Некои села дури и изненадија па мораа екипите да се враќаат по нови залихи на вакцини бидејќи не им стигнаа во моментот. Битно е што свеста кај граѓаните е подигната и вакцинацијата до сега се одвива непречено, вели д-р Сапунџиев.

Независно од теренската успешно тече и вакцинацијата во домашни услови. Со неа се опфатени изнемоштените и лицата кои тешко се движат. До сега на овој начин биле имунизирани 200 лица, но процесот продолжува и понатаму се додека ќе има потреба и интерес од граѓаните. Непречено продолжува и слободната вакцинација која до крајот на месецот ќе се реализира во спортската сала на училиштето Никола Вапцаров, а од први октомври аплицирањето на вакцините ќе продолжи во амбулантите на службата за спортска медицина. До сега во Струмичкиот регион вакцина примиле над  47 400 граѓани. Од нив 25 260 добиле само една доза, додека 22 176 граѓани се ревакцинирани.