Македонија
22. September 2020 - 14:05

Затворена штипска конфекција, откако неколку работници се заразиле со коронавирусот

 Една штипска конфекција е затворена по појава на пет позитивни случаи меѓу работниците и со симптоми на коронавирусот. Конфекцијата производството го прекинала вчера, по препорака на епидемиолозите од Центарот за јавно здравје-Штип.

Директорката на Центарот за јавно здравје, Марија Димитрова потврдува дека станува збор за конфекција со 80 вработени и според најавата на сопственикот нема да работи две недели, со цел да не се шири вирусот.

Во детските градинки се следи состојбата и таму по алгоритам се тестираат децата по појава на симптоми.

-Тестирани се и неколку деца од штипските градинки, кои покажале симптими, како зголемена температура и повраќање. Сите тестови се негативни, вели Димитрова.

Во регионалното Инфективно одделение во Клиничка болница-Штип за разлика од пред еден месец кога доминираа пациенти од Штип, сега поголемиот број се од Пијанечко-Малешевскиот регион, а исто така деновиве се хоспитализираат и од Кочани, каде што  драстично се зголемува бројката на заразени, поради ширењето на вирусот пред се на семејните веселби.