Македонија
14. November 2025 - 12:17

Започнува единаесеттото издание на „Самун ем татлија“ во Радовиш

Од вечерва во Радовиш започнува единаесеттото издание на познатата гастрономска манифестација „Самун ем татлија“, посветена на двата препознатливи радовишки специјалитета , самунот и татлијата. Фестивалските денови ќе траат до 16 ноември, а за тоа време се очекува да бидат подготвени повеќе илјади автентични радовишки самуни.

Покрај гастрономската, организаторите најавуваат и богата забавна програма со настапи на голем број домашни и регионални изведувачи.

Градоначалникот на Радовиш, Љупче Почивалец, вели дека и покрај краткиот период за организација поради изборите, успеале да ја подготват манифестацијата која има големо значење за промоција на градот и општината, како и за развојот на локалната економија.

Со одлука на Советот на Општина Радовиш, за време на трите фестивалски дена паркирањето во градот ќе биде бесплатно за сите посетители.

Ослободувањето од плаќање важи за сите јавни паркиралишта и ќе биде на сила на 14, 15 и 16 ноември.