Македонија
15. October 2019 - 16:50

Заменикот министер за здравство си поднесе оставка, тврди дека паднал во замка

Заменик министерот за здравство Асим Муса си поднесе оставка по објавената снимка на која се гледа како зема пари од пациент од Албанија за операција.

-Донесов одлука да се повлечам од функцијата заменик-министер за здравство и да ја расчистам оваа импонирана дамка, стапица, против мене лично и мојата професија, рече д-р Асим Муса, заменик министер за здравство  на прес-конференција во Владата.

Видеото од страна на новинари на албанската телевизија “Топ Чанел” е направено во болница во Струга каде Муса работел како уролог. На снимката се гледа како функционерот од ДУИ им укажува на “наводните пациенти” дека хируршката интервенција чини 1000 евра, а парите требало да му ги дадат лично нему на денот на операцијата. За да бидат сигурни тој им зема  50 евра и ги става во џеб. На прес конференцијата во Владата заменик министерот не сакаше да одговара на новинарски прашања.

Случајот го истражува и обвинителството. Од таму за Сител информираат дека ОЈО во Струга отворило предмет. Со меѓународна помош во предистрагата ќе ги бараат оригиналните снимки, а исказ ќе биде земен и од Асим Муса.

Министерот за здравство Венко Филипче осудува лекари да бараат пари од пациенти.

-Треба да имаме неселективен пристап без оглед на функциите кои ги имаме. Институциите треба да си преземат санкции доколку сметаат дека за тоа има простор за кого било, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Од матичната партија на Муса ДУИ ја поздравија оставката на заменик министерот за здравство.

-  Со самото негово повлекување, и за нас и за институциите веќе е решен тој случај и се надевам дека тој самиот ќе успее да ја тргне таа дамка од својата кариера, со понатамошниот тек на неговите активности, рече Артан Груби од ДУИ.

Правна разврска за работењето на Асим Муса побараа од Алијансата на Албанците.

-Бараме правно да се расчисти целиот случај, изјави д-р Беким Татеши, комисија за здравство на Алијанса за Албанците.

Асим Муса беше заменик министер за здравство изминатите 18 месеци. Претходно раководеше и со  болницата и со Заводот за нефрологија во Струга.