Македонија
27. January 2022 - 16:42

Закани по живот за обвинителот Јовевски

„Само го чекаме тој точен момент за да ви го одземеме животот. Постапете веднаш ако вашата желба е да останете живи. Ние сме терористичка организација која се бори и убива за неправди и исто така сме подготвени да гинеме за неа“.

Ова е само дел од писмото со закани по живот кое вчера го добил Јавниот обвинител Јовески. Со препорачана пратка, испратена од Пошта во Битола, се бара ослободување од гонење на двајца новинари од ТВ АЛФА, Горан Момировски и Драган Милосављевиќ.

Испраќачот или испраќачите се претставуваат како терористичка организација, која има астрономска поддршка насекаде низ државата и која ќе се бори и ќе ги брани до последна капка крв новинарите кои го преставуваат гласот на народот.

Обвинителот Љубомир Јовески пак, вели дека ниту една закана, вклучувајќи ја и оваа, по живот, нема да го поколеба да работи професионално и одговорно во примена на законите. Писмото, на англиски и македонски јазик, веќе е пратено до МВР, каде се испитува содржината и лицето кое ја испратило пратката.

Инаку постапката која се водеше за двајцата новинари е запрена во декември минатата година, бидејќи е утврдено дека нема место за гонење од страна на Јавен обвинител.

Писма со закани по живот во декември лани добила и раководителката на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска. Станува збор за 2 писма, во кои се бара Зоран и Вице Заеви да бидат осудени, обелодени денеска Рускоска. Заканите беа во смисла дека невини и угледни граѓани се во затвор, а ‘криминалците Зоран и Вице Заеви’ биле на слобода. Ако веднаш не ги осудам ќе бидам убиена, изјавила Рускоска за Дојче Веле.

Случајот го пријавила во МВР, а согласно законот, добила дополнително обезбедување.