Македонија
18. January 2021 - 16:33

Заев со порака: Велковски не изигрувај локален шериф

Со пријави за мобинг до Државниот инспекторат за труд, вработените во Општина Лозово ќе ја водат битката против актуелното раководство.

Ваква пријава за вознемирување на работното место од страна на градоначлнникот и секретарот е веќе поднесена во трудовиот инспекторат.

Оттаму најавуваат дека случајот веќе се разгледува и во скоро време инспекторите ќе ја посетат општината.

Ден по новите обвинувања за мобинг, премиерот Заев најави дека повторно ќе исконтактира со градоначалникот Ацо Велковски. Во меѓувреме го повика да не изигрува локален шериф.

- Мојата порака е таа која што секогаш ја давам, а тоа беше уште првиот момент кога најголем број од градоначалникот кандидирани и поддржани од СДСМ победија – „Да не ми изиграваат локални шерифи и достоинствено да им служат на граѓаните. Оваа недела сигурно ќе реагираам зашто јас сум служител на сите наши граѓани и сакам да бидам секогаш во нивна заштита. Секако, граѓанин е и градоначалникот, но тој извршува сериозна и одговорна функција. Не знам детали, не можам да инсинуирам било што, но дефинитивно ќе се информирам за случајот и ќе дадам дополнително коментар, рече Заев.

Од вкупно 12 вработени во Општина Лозово, дури 6 од нив досега пред камерата на Сител сведочеа за секојдневно малтретирање од страна на градоначалникот и секретарот. Доказ за тоа се и 30тината дисциплински постаплки кои им се отворени во изминатите три години. Раководството на општината пак вчера тврдеше дека сите казни им се изречени според закон заради неизвршување на работните задачи, потенцирајќи дека општината се соочува со намерно уништување на огледот од мала група вработени.