Македонија
15. October 2019 - 16:49

Заев патува за Брисел во последен обид да ги убеди колегите од ЕУ дека земјата заслужува да започне преговори

Премиерот останува оптимист во пресрет на одлуката на европскиот совет на крајот од оваа недела. Според него, Македонија направила најмногу од сите земји членки и заслужува да добие европска перспектива. Тој вели дека епилогот во Брисел не треба да има влијание на терминот на одржување на парламентарните избори.
Оптимисти се и во ДУИ. Велат дека Македонија заслужува да ги почне преговорите. Од Мала Речица официјално велат дека не можат да предвидат дали евентуален негативен епилог ќе значи и нови избори, иако, неофицијално, партиски извори веќе неколку недели брифираат дека идната пролет може да биде добар период за ново соочување со граѓаните.

Изборите веќе неколку месеци интензивно ги бара опозицијата. На само неколку дена пред одлуката во Брисел, во ВМРО-ДПМНЕ владее оптимизам но и поголема доза на резерва.

Со своја порака преку австирските медиуми се јави и претседателот Пендаровски. Дајте ни шанса, и дозволете ни да покажеме дека сме поготвени, вели Пендаровски во интервју за австриски Ди Пресе.

“Не се надеваме на сигнал, туку очекуваме одлука. Во изминатите година и пол испорачавме сè што требаше. Дури го сменивме и нашето име по историскиот договор со Грција. Ниту една земја-кандидат го нема направено ова порано. Штом ЕУ вели дека процесот на зачленување се заснова на резултати, тогаш не очекувамени повеќе ни помалку од она што сме го постигнале.“ – вели Пендаровски за Ди Пресе.

Разврската за Македонија почнува со средбата на министрите за надворешни работи на земјите членки на унијата која денеска и утре се одржува во Лускембург. Сепак, главната одлука ќе ја донесат шефовите на држави кои на заедничка маса седнуваат во четврток и петок во Брисел.