Македонија
9. May 2021 - 16:41

Заев ја почнува европската агенда на посети и средби на Денот на Европа

Со работна посета на Брисел премиерот Заев утре ја стартува европската агенда. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, првиот човек на Европскиот Парламент Сасоли, еврокомесарот за проширување Вархеји, високи претставници за надворешна политика на Унијата, европратеници и министерот за надворешни работи на Португалија, земјата актуелен претседавач со унијата, се дел од агендата на Заев кој ќе биде придружуван од вицепремиерот Димитров и министерот Османи.

Од Брисел владината делегација патува и за Шпанија како прва посета на оваа земја на премиерско ниво, а ведаш потоа и во Атина каде Заев ќе учествува на економски форум, а ќе се сретне и со својот грчки колега Мицотакис.  

Ден пред стартот на европската агенда по повод 9-ти мај премиерот патува со јасна порака: Нашиот природен дом е Европската унија.

Денес, Република Северна Македонија е меѓународно признаена држава со сите постулати на државност, со кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Горди сме на нашето учество во големата светска антифашистичка коалиција и затоа имаме силни причини да славиме и да бидеме дел од одбележувањата ширум Европа. Оваа генерација направи непоколеблив избор со членството во НАТО и силно ја потврди определбата за напредок и благосостојба во европското семејство, во Европската Унија. Нашиот природен дом е Европската Унија меѓу просперитетните европски нации, вели Заев по повод 9 мај.

Македонија останува посветена на изнаоѓање решение со Бугарија, но тоа мора да биде во европскиот дух на вредности. Пред посетата на Атина Заев во интервју за грчкиот весник Катимерини порачува дека  неприфатливо е друга нација да ни ја одредува историјата во 21 век.

За македонскиот народ, за сите граѓани на нашата земја, било каква интервенција во македонскиот идентитет е неприфатлива. Процесот трае повеќе време, не сакаме да запреме и нема да запреме, но нема да ги ставиме во опасност нашето достоинство и нашиот идентитет. Верувам дека ќе најдеме заеднички решенија со Бугарија и ќе изградиме квалитетна иднина за нас и за идните генерации. Минатото не треба да се заборави, но „треба да се градат мостови на соработка меѓу сите земји од регионот, бидејќи тоа е единствениот пат што води до успех”, вели Заев за Катимерини.

Европската агенда доаѓа во пресрет на јунскиот самит на европскиот совет, на кој Македонија се надева дека добие поддршка за старт на преговрите и датум за првата меѓувладина конференција и покрај најавите на еврокомесарот Вархеји дека раздвојувањето на Скојпе и Тирана на европскиот пат е можно сценарио.