Македонија
12. јуни 2021 - 17:25

Заев: Извозот на сув цвет од канабис за медицински цели во ЕУ станува реалност

Премиерот Зооран Заев вели дека македонскта компанија „НЈСК Холдинг“ добила лиценца за извоз на сув цвет од канабис.

-Извозот на сув цвет од канабис за медицински цели од Македонија за пазарите во Европската Унија станува реалност.  Упатувам честитки за првата македонска компанија – НЈСК Холдинг, која вложува во најсовремени стандарди за ваков вид фармацевтско производство и која доби лиценца за извоз на европските пазари. Владата и надлежните институции, Министерството за здравство и Агенцијата за лекови и медицински средства даваат поддршка, со цел оваа индустриска гранка да се развива согласно светските текови и европските регулативи, вели Заев.

Појаснува дека од даноците кои ќе се плаќаат на државата ќе се лекуваат лица со ретки болести.

-Имаме намера да основаме неколку фондови од дополнителните даноци што оваа индустрија ќе ги плаќа кон државата и со тоа кон граѓаните како резултат на профитот од извозот на цветот од медицински канабис. Од нивните давачки кон државата ќе ги поддржиме лекувањата на лицата со ретки болести, ќе основаме медиумски фонд за продукција на домашни содржини, како и проекти од областа на културата, спортот и проекти на граѓанскиот сектор, но и работата на Агенцијата за канабис, вели Заев.

На социјалната мрежа Фејсбук напиша дека извозот ќе се обезбедува низ строга регулатива исклучиво согласни стандардите и правилата на ЕУ.

-Од економски аспект, извозот на цвет од канабис за медицински цели значи и нови инвестиции, развој и стимулира отворање нови високоплатени работни места. Да бидеме пред останатите во регионот, да ги следиме современите текови и економските преструктуирања, бидејќи одредени индустрии, може и тоа како да ја поттикнат домашната економија и да помогнат. Во таа смисла, ја поздравувам и поддржувам и работата на работната група за декриминализација на канабисот координирана од Владата и верувам дека низ инклузивен процес ќе се дефинираат најдобрите решенија за користење на медицинските и економските бенефити од билката канабис, вели Заев.