Македонија
10. April 2020 - 16:54

Заев и Мицкоски негативни на тестот на Ковид-19 - остануваат во домашна изолација

Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски се во задолжителна 14 дневна самоизолација откако биле во контакт со заразен од Ковид 19. Минатата недела и двајцата партиски претседатели имаа интервју со уредникот во Канал 5 Гоце Михајлоски, кој веќе е хоспитализиран во ГОБ 8ми септември и резултатот му е позитивен на корона вирусот.

-„Тестот на Мицкоски покажа негативни резултати, но тој ќе мора да биде 14 дена во самоизолација. Во изолација веќе е и Зоран Заев, но неговите резултати ќе се добијат во текот на денот. Во тек се епидемиолошки анкети со сите лица со кои новинарот бил во контакт, по што ќе се преземат соодветни мерки“, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Главниот уредник во Канал 5 е првиот новинар потврден со Ковид 19. Првиот тест што на седми април го направил во приватна болница бил негативен, за два дена подоцна при болнички прием е откриено дека е позитивен на вирусот. Михајлоски на крајот на март бил во посета на неговите родители во прилеп а при појава на првите симптоми бил изолоран дома.

Од Канал 5 велат дека во соработка со здравствените власти, ги преземаат сите чекори за надминување на оваа состојба.

Интервјуто на Михајлоски со Заев и Мицкоски беше на втори и трети април. И двајцата лидери велат дека немаат симптоми и се чуствуваат добро. Мицкоски во телефонска изјава за Сител вели дека е во добра здравствена и физичка кондиција и ќе ги почитува препораките на здравствените лица.

-Во текот на вчерашниот ден, по добивање на информацијата дека е нарушено здравјето на новинарот со кој имав интервју точно пред една недела и истото се поврзува со пандемијата, направив тест чии резултати се негативни. Но, ќе ги почитувам препораките на здравствените лица и во наредниот период од неколку дена ќе останам во изолација. Се надевам на брзо закрепнување на новинарот и негово брзо враќање на работното место., вели Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Би сакал да ве информирам дека во текот на минатата недела имав ТВ интервју со новинар, за кој неодамна се утврди дека е позитивен на КОВИД-19. Иако во текот на интервјуто ги преземавме сите заштитни мерки како избегнување контакт и одржување дистанца, согласно сите протоколи, од денеска сум во самоизолација во мојот дом во Струмица. Немам симптоми, денеска се тестирав за присуство на вирусот и резултатите ги очекуваме во текот на денот - по што ќе се утврдат следните чекори, напиша лидерот на СДСМ, Зоран Заев на фејсбук.

Дел од министрите кои имале контакти со лидерот на СДСМ чекаат насоки од Филипче дали и тие треба да бидат тестирани за Ковид-19.

-„Секако дека сме имале комуникација со претседателот на СДСМ. Станува збор за самоизолација која трае 14 дена. Резултатите од неговото тестирање не се познати. Ако треба да се тестираме го имаме министерот за здравство кој ќе ни каже“, вели Нина Ангеловска, министерка за финансии.

Министрите, пак, велат дека на владини седници одржуваат дистанца и носат заштитни маски.