Македонија
10. April 2020 - 16:48

За владата прифатливо зголемување на акцизата на горивата за 2 денара - опозицијата и транспортерите против

За владата е прифатливо во буџетот да влегуваат по два денари плус од литар наточено гориво-истакна министерката за финансии. Ова следи по барањето на бизнис заедницата да се зголеми акцизата на горивата.  За министерката е оправдано е во вакви услови кога има драстичен пад на цените на нафтата, државата да има повеќе пари во буџетот.

Но предлогот не е прифатлив за превозниците.

Со оваа мерка се надминуваат сите граници на рационалност и солидарност, олигарсите пак сакаат теретот да се префрли на плеќите на сите превозници, но и на сите граѓани на кои драстично се и ќе бидат намалени примањата од нето плата. Предлагаат мерка која нема заштитен механизам за да се намали влијанието на цените на сите производи кои се превезуваат , а тоа може да е иницијална каписла за појава на инфлација која ќе нанесе штета на сите микро, мали , средни трговски друштва и земјоделците

И опозицијата е против покачувањето на давачките за горивата.Од партијата велат дека ако Владата ја усвои мерката, сиромаштијата ќе се зголеми.

Стопанската комора претходно предложи постојната акциза за безоловен бензин да се зголеми за два денара на износ од 23,692 денари, акцизата за гасно масло кое се користи како погонско гориво (евродизел гориво) да се зголеми за два денара на износ од 17,121 денари, додека акцизата за гасното масло што се користи како гориво за греење (екстралесно гориво) да се изедначи со акцизата за дизел горивото, односно да изнесува 17,121 денари.