Македонија
27. January 2022 - 16:43

За две недели 1000 здравствени работници се заразиле со Ковид

Омикрон и делта ги покосиja и здравствените работници. Изминатите 14 дена дури 1000 медицински лица поради позитивен тест се најдоа во ковид статистиката. Инфектолози велат дека ова е најмасовна зараза кај здравствениот кадар и немало по толку болни во изминатите бранови. Центрите функционираат со преполовен персонал и оние кои се останати работат и по две смени. Повеќе од 80 заразени во моментот има во ГОБ 8ми септември, дваесетина на Инфективна а голем број лекари, сестри и болничари отсуствуваат и од штипската болница.

- Имаме за жал и од медицински кадар кој е отсутен и е дома во изолација. Дваесетина  а еве денеска уште тројца. Тоа се одразува на работата, останатиот персонал го преоптеретуваме мeѓутоа се обидуваме да излеземе во пресрет на сите. Тешка е ситуацијата но се обидуваме да се бориме со тоа, вели д-р Ален Ѓеоргиев директор на Клиничка болница – Штип.

Иако состојбата со заразен медицински кадар е алармантна, од здравство кратко ни одговорија дека - Состојбата внимателно се следи и доколку се утврди потреба ќе биде обезбеден кадар, од други установи преку ротации.

Освен во хоспиталниот дел, лекарите се соочуваат со голем наплив и во амбулантите.

- Дневно се менува состојбата – едни испишуваме други примаме. Но имаме многу голем притисок во амбулантите и деновиве има над 100 прегледи, вели д-р Георгиев.

Во моментот на болничко лекување има 579 пациенти. Од утринава кожно повторно ги отвори вратите за ковид болни. Веќе хоспитализирале неколкумина со компликации од вирусот а од утре во функција ќе бидат и капацитетите на неврологија.