Македонија
15. October 2021 - 16:42

За 5 недели вакцините заштедиле речиси 3 милиони евра во државниот буџет, колку ќе заштедеа ако беа обезбедени на време

14.500 лица помалку се заразија со Ковид благодарение на вакцините. Истражувањето на Фајнанс тинк за ефектот од имунизацијата покажува дека заради намалениот број заразени, се намалил и бројот на хоспитализирани, а заштедата од тоа изнесува 2,8 милиони евра. Оваа заштеда се однесува на пет недели од делта бранот кога беше достигнат пикот во болниците.

Истражувањето опфаќа период од три и пол месеци, период кога почна масовната вакцинација во земјава. Покажува дека процентот на хоспитализирани се намалил меѓу 37,9 и 46,5%. Односно, ако немаше вакцини ќе имаше дополнителни 4.595 луѓе во болниците.

Масовната вакцинација во земјава почна во јуни или околу три месеци подоцна во однос на другите земји. Какви ќе беа ефектите ако вакцините стигнеа порано, покажуваат бројките во земјите кои порано почнаа со боцкање.

Според официјалните податоци, за едно болничко лекување од над 15 дена на Инфективна клиника ФЗО префрла 211.500 денари или околу 3500 евра. Но, не заштеди само државата, туку и домаќинствата. Пресметките покажуваат дека семесјствата кои имале заразен кој поминал лесно, не стигнал до болница и бил само на витаминска терапија за борбата со ковид трошеле по 100 евра по човек.