Балкан
11. March 2023 - 16:36

Вучиќ уверува: Нема да ставам потпис за признавање на Косово

Јас нема да бидам тој што ќе ја признае независноста на Косово, порача Александар Вучиќ за време на посетата на Врање. Сепак, вели српскиот претседател    треба да дојде до помирување со Албанците. 

„Јас нема да бидам тој што ќе ја потпише независноста на Косово, срам ми е да одам низ Србија и да се правдам пред кого било. Нема предавање, нема да ја признаеме независноста на Косово ниту де факто, ниту де јуре, но ние сакаме мир со Албанците, сакаме пристојни односи“ истакна Александар Вучиќ.

Вучиќ од Врање ја почна својата турнеја низ Србија како дел од формирањето на новата  политичка опција „Народното движење“ за државата која тој ја најави  уште во септември мината година. Од жителите на Врање побара да го поддржат и да бидат дел од блокот за опстанок и напредок на Србија. 

И косовскиот премиер Албин Курти во интервју за Еуроњуз вели дека треба да се нормализираат односите со Србија, а европскиот предлог е солидина почетна точка за да се придвижат напред. Курти се надева дека Белград и Приштина на 18-ти март во Охрид ќе го потпишат планот за имплементација на европскиот предлог за нормализација на односите.  

Вучиќ пак најави дека како и на претходните, и на средбата во Македонија ќе бара од Курти да ја формира Заедницата на српските општиини, договорена со  посредство на ЕУ уште пред 10 години.