Балкан
27. May 2022 - 13:30

Вучиќ: Подготвуваме големи работи за граѓаните на Србија, Северна Македонија и Албанија

Подготвуваме големи работи за граѓаните на Србија, Македонија и Албанија, изјави денеска српскиот претседателот Александар Вучиќ по разговорите со партнерите од двете земји за натамошен развој на соработката во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, јави дописникот на МИА од Белград.

– Отворен Балкан е најдобрата иницијатива за народите на Балканот. Подготвуваме големи работи за граѓаните на Србија, Албанија и Северна Македонија, порача Вучиќ на инстаграм профилот „будучностсрбијеав“, заедно со фотографии од видео-конференцијата.

На средбата присуствуваа и српскиот министер за финансии Синиша Мали, министерката за трговија Татјана Матиќ и претседателот на Стопанската комора на Србија (ПКС) Марко Чадеж.

На почетокот на јуни во Охрид се очекува средба во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“, на која ќе присуствува и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ.

Како што јави РТЦГ, Абазовиќ изјави дека се уште не слушнал валиден аргумент дека оваа регионална иницијатива не е добра за Црна Гора.

Тој вчера за новинарите истакна дека претставниците на Црна Гора како набљудувачи и претходно биле на самитите на иницијативата Отворен Балкан и оцени дека треба да се прифати секоја регионална иницијатива која би можела да ја забрза европската интеграција на земјата, нагласувајќи дека нема алтернатива за членството во Европската унија, пренесува РТЦГ.