Врнежите го подобрија водостојот во браните во Струмичко, но тој и понатаму е низок
Врнежите од дожд во изминатата недела го зголемија водостојот во браните во струмичкиот регион, но и покрај тоа количините на вода и понатаму не се доволни за да се достигнат капацитетите потребни за стабилна сезона за наводнување. Од подружницата на Водостопанство во Струмица информираат дека дождовите донеле одредено подобрување, но нивото на водата останува значително под максималниот капацитет на акумулациите.
Најголемата акумулација во регионот, Турија, која има капацитет од 50 милиони метри кубни вода, моментално располага со околу 13 милиони метри кубни. Слична е ситуацијата и во сите останати акумулации во регионот.
Тонско Томе Спасов раководител на подружница на Водостопанство во Струмица
Од претпријатието се надеваат на нови врнежи и влажна зима, кои се клучни за подобрување на водостојот во браните. Оттаму информираат дека земјоделците навреме ќе бидат известени за количините вода што ќе бидат достапни за користење во претстојната сезона.
Во струмичкиот регион вкупно има шест акумулации со кои стопанисува АД „Водостопанство,,.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
