Македонија
12. јуни 2021 - 16:47

Воздржани коментари за преговорите со Бугарија на десеттина дена пред одлуката на ЕУ

Фото финиш на дипломатската активност за обезбедување почеток на преговори со ЕУ. Исходот – целосно неизвесен. Европската идеја во регионот се сведува на плеќите на Македонија, а евентуалниот неуспех ќе има сериозни геополитички последици, предупреди министерот Османи.

Според него, оттаму и алармот кај моќните западни земји и зголемената, невообичаена дипломатска активност. Тие го препознаваат нашето перфектно досие потенцира шефот на дипломатијата, кое конечно треба да биде наградено на 22-ри јуни.

“Меѓутоа остануваат разликите со Бугарија. Јас не сум во состојба во моментов да кажам каков ќе биде исходот на 22-ри јуни. Ние работиме како тоа да ќе се случи, меѓутоа не можам да ги кревам очекувањата на граѓаните бидејќи е неизвесно заради тоа што е нејасно дали во Бугарија има политички мандат по однос на прашањето и дали ќе има договор по португалскиот предлог”

Договор се бара на две патеки. Билатерално со источниот сосед и преку португалскиот предлог. Термин за најавените средби меѓу македонските и бугарските политичари нема, иако тече секојдневната комуникација во министерствата.

Шанса за директни средби ќе биде Самитот на НАТО идната недела, каде што премиерот Заев ќе се сретне со претседателот Радев, можеби во последен обид да се надминат разликите околу спорот.

За португалскиот предлог, пак, Османи уверува дека не ги загрозува идентитеските прашања, појаснувајќи што точно предвидува предложеното решение.

“Предлогот од Португалија предвидува мониторинг од ЕУ на имплементацијата на Договорот за добрососедство преку патоказ кој има јасни рокови и институции одговорни за имплементација, а кој ќе биде мониториран во рамките на Советот за стабилизација и асоцијација кој одржува еднаш годишно”

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не му верува на министерот. Иако денеска не протестираат како во изминатите денови, повторно прашуваат што точно се преговора, стравувајќи дека се подготвува национално предавство.

“Додека Зоран Заев повторно се колне дека не се преговара за јазикот, историјата, идентитетот и културата на македонскиот народ, од страна на нашиот сосед секојдневно слушаме дека нивните црвени линии се јасно познати и составени во Бугарската декларација, која е потврдена во парламентот на Бугарија. Ова јавно го потврди и бугарскиот премиер...Се додека Заев не одговори за што преговара со Бугарија, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги искористи сите демократски алатки за спречување на ново национално предавство од оваа ненародна власт”, велат од партијата.

Османи вели дека португалскиот предлог е целосно споделен со опозицијата, а наредната недела ќе ги запознае и пратениците во Собранието за содржината и предметот на преговорите со Бугарија.