Македонија
30. October 2020 - 15:28

Во Велес со Ковид-19 заразени тројца ученици и три воспитувачки, најмногу во изолација деца од градинките

 Во велешките училишта позитивни на КОВИД-19 се три ученика, од кои двајца  од ООУ „Блаже Конески“, а еден од ООУ„Васил Главинов“, додека бројот на ученици, основци и средношколци, како и деца од градинките и ученици  од Средношколскиот интернат кои се изолација е 81. Од овие четири деца се од ООУ „Панко Брашнаров“, 14  од ООУ „Св Кирил и Методиј“, 15 од ООУ „Блаже Конески“, тројца од ОССУ „Коле Неделковски“ и 45 од градинките во Велес, соопшти денеска на прес-конференција градоначалникот Аце Коцевски.

По седницата на Општинскиот штаб за заштита и спасување, Коцевски информира дека тројца наставници/воспитувачи се позитивни на КОВИД и сите се градинката „Димче Мирчев“ која во Велес има шест клона.

Коцевски кажа и дека бројот на наставници и воспитувачки кои се во изолација е 12. Од нив еден од ООУ „Блаже Конески“, еден од ООУ „Рајко Жинзифов“, еден од Гимназијата, еден од хемиското школо „Димитрија Чуповски“, двајца од ОССУ „Коле Неделковски“ и шест воспитувачки од градинката „Димче Мирчев“.

Оо стручните служби на училиштата еден е ковид-позитивен, од хемиското училиште „Димитрија Чуповски“, а таму има и еден вработен од стручната служба кој е во изолација.

Од техничките служби во училиштата има еден позитивен од ООУ „Панко Брашнаров“ и еден од ООУ „Стојан Бурчевски-Буридан“ од село Иванковци и двајца вработени од техничката служба на градинката „Димче Мирчев“ или вкупно четири позитивни, информира Коцевски.

ема директори од велешките училишта кои се позитивни на Ковид-19,а има двајца директори кои се во изолација заради контакти со лица позитивни на вирусот.