Македонија
20. October 2021 - 12:31

Во Штип нема ниту еден приговор за изборниот процес - општината следната недела добива нов градоначалник

Ниту една политичка партија досега не поднела приговор во писмена или електронска форма до ОИК – Штип, за текот на изборниот процес во првиот круг од Локалните избори. Сите податоци се обработени и доставени до ДИК и се чека да поминат роковите.

- Ќе го добие уверението од ОИК, откако ОИК ќе ги прогласи за конечни резултатите за избор на градоначалник и за членови на Совет на ниво на територијата на општина Штип. Тоа значи дека веќе од наредната недела, самата општинска администрација и општина Штип, може да има нов градоначалник. Се прогласуваат во исто време, мандатот на градоначалникот е врзан со мандатот на Советот, изјави Виктор Вацев, претседател на ОИК-Штип.

Во Штип на избирачките места излегле 57,4 % од електоратот или 24 134 граѓани. Новиот градоначалник, Иван Јорданов, кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, освои 13 085 гласови или 54,22 % од избирачкото тело. Кандидатот за градоначалник од СДСМ, Сашко Николов освои 3880 гласови помалку.

- На фер и демократски избори, граѓаните го дадоа својот глас за другата опција, го дадоа својот глас за кандидатот за кои што сметаат дека треба да ги води во следните 4 години. Му посакувам на новиот градоначалник успешна работа, изјави Сашко Николов, кандидат на СДСМ и актуелен градоначалник.

Во идниот состав на Советот на општината, ВМРО ДПМНЕ ќе има 13 советници, СДСМ 9 и Левица 1 советник.