Бизнис
13. March 2018 - 20:20

Во рудникот САСА најавени инвестиции од милион евра со нова технологија

Новото раководство на рудникот за олово и цинк „Саса“ од Македонска Каменица, компанијата Централ Азија Металс од Лондон, најави инвестиција од 1 милион евра во нова технологија. Инсталацијата на новиот млин, кој е единствен од ваков вид во земјава, ќе ја зголеми ефикасноста и сигурноста на технолошкиот процес на извлекување на цинковиот концентрат од рудата. Поставен е и нов рекорд, 500 дена без повреда на работното место.

- Веруваме дека инвестицијата која ја направивме не е само во воведување на нова технологија која ќе го подобри работењето, туку и инвестирање во безбедноста на нашите работници-изјави Неил Стевенсон, генералниот директор на „САСА“

Во однос на најавите на Мултиетничкиот синдикат за образование, МЕСО, дека утре рударите ќе излезат на штрајк со блокада на патот до рудникот, преку кој ќе бараат дел од добивката до 20% да им припадне на вработените, зголемување на платите, подобрување на условите за работа, регулирање на стажот и на работното време на рударите, Стевенсон вели дека, овој синдикат нема доставено писмени изјави и платена членарина за ниту еден вработен во „САСА“, што значи дека е нелегитимен.

 - Ние побаравме од овој нов синдикат за образование да прикажат документ кој ќе потврди дека тие ги застапуваат вработените во „Саса“, но тие одбија да го сторат тоа- додаде Стевенсон

Според Стевенсон, постои репрезентативен синдикат, кој е дел од СИЕР и со кој по преговорите бил потпишан колективен договор. Платите во февруари се повторно покачени и се двојно поголеми од просекот во земјава.