Македонија
18. January 2020 - 11:12

Во Куманово лани благо намалување на собраните крвни единици во однос на претходните години

Кумановскиот Црвен крст во текот на минатата 2019 година бележи благо намалување на собраните крвни единици во однос на претходните години, информираат денеска од Општинската организација на Црвениот крст – Куманово.

Лани, биле организирани  38 крводарителски акции, а биле собрани 2.734 крвни единици, што е за 109 помалку во однос на 2018-тата година, информираа надлежните од кумановскиот Црвен Крст.

– Сметаме дека со добрата едукација и соработка која во текот на целата година ја остваруваме со Институтот за трансфузиона медицина, лекарите и со медиумите, секоја година имаме задоволителен број на собрани крвни единици, изјави секретарот на општинската организација, Бојан Петрушевски.

Годинава, првите крводарителски акции ќе се одржат во втората половина на јануари, со здружението „Коледари“, која се организира по повод роденденот на Тоше Проевски и со рибарското друштво „МАК-ДАМ“.

– И оваа година во план за организирање на 40 крводарителски акции од кои најголем процент се традиционални. Во фокусот ќе бидат мотивациските работилници особено во соседните општини Липово и Старо Нагоричане, каде планираме да организираме мотивациски работилници и отворени трибини преку кои граѓаните полесно ќе бидат информирани и запознати за предностите од дарувањето крв, изјави Петрушевски.