Македонија
24. July 2021 - 17:00

Во борба по нов мандат градоначалниците се фрлија на работа

Локалните избори ги размрдаа градоначалниците во трка за втор мандат. Градежни активности, нови улици, реконструкции на пешачки и велосипедски патеки, основни и средни училишта е секојдневната слика низ Македонија. Најголемиот број од промоциите на овие проекти добиваат поддршка и од премиерот и лидер на СДСМ. Заев вчера беше во посета на Штип, денеска во Охрид и Битола. Вели дека крајната цел е да се изберат најдобрите кадри кои ќе донесат сигурна победа.

Иако не се најдоа во првата група од 30 кандидати за градоначалници кои СДСМ веќе ги објави, првите луѓе на Центар, Аеродром и Гази Баба велат дека ја очекуваат партиската поддршка бидејќи имаат зошто повторно да ја бараат довербата од граѓаните.

Шилегов без конкретен одговор дали е задоволен од нивната досегашна работа и дали ќе ја поддржи нивата кандидатура за втор мандат. Вели дека СДСМ промовира нов начин на работа кој граѓаните го препознаваат.

Најголемата опозициска партија пак се уште не ги открива кандидатите со кои ќе ја бара довербата на граѓаните во октомври. Од она што досега е сигурно, пратеникот Кирил Пецаков од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе му биде противкандидат на актуелниот градоначалник Константин Георгиевски во Охрид. Потврда од највисоките партиски органи на опозицијата се уште чека и најавената кандидатура на доктор Борче Јовчевски за градоначалничката фотеља во Прилеп. ВМРО-ДПМНЕ секојдневно организира трибини и средби со граѓани за промоција на новите политики на партијата.