Македонија
12. May 2021 - 12:57

Во Битола дневно се вакцинираат над 1000 лица

Се зголемува заинтересираноста за вакцинација во пунктот во Битола кој го опфаќа регионот. Во текот на вчерашниот ден од 1453 закажани термини, се вакцинирале 1364 граѓани. Со тоа бројката на вакцинирани со „Синофарм“ во пунктот во Битола е 6290, а вкупниот број на вакцинирани со сите вакцини е 8690. Се вакцинира секој кој се пријавил на вакцинација.мк.

-Во првите денови кога беше опфатена повозрасната популација, одзивот беше помал, додека како се слегува со старосната граница, како денес до 63 години, бројот на закажаните и заинтересираните е се поголем. Апел до граѓаните, доколку немаат порака од сајтот за вакцинација, нема да бидат вакцинирани, рече д-р Весна Спиркоска, директор на Здравствен дом Битола.

Медицинските сестри велат нема застој во работата, а и граѓаните кои веќе се вакцинирале велат дека се оди брзо.

-Нема застој во ниту еден момент, по илјада и повеќе луѓе врват, кабините се опремени, се е навреме- рече повозрасна медицинска сестра. Пациентите се задоволни, па и ние од организацијата, велат медицинските сестри.

-Одлично, организирано, сега ми ја ставија не почувствував ништо, задоволен сум. Немаше никакви проблеми, се беше во ред. Дилеми немав, мора да бидеме одговорни, спрема поколенијата. Од Црвениот крст многу сум задоволна, многу ми помогнаа, јас имам пластично колено, правена сум операција, многу сум благодарна, велат граѓаните кои се вакцинираа, велат граѓаните. 

А токму 25 волонтери на Црвениот крст се постојано вклучени во процесот на вакцинација, во две смени по осум волонери им се логистичка поддршка на лекарите, медицинските сестри, но и секаде каде е потребна помош за граѓаните. 

-Основната задача е да сме на прием на вакциналниот пункт, да ги насочуваме граѓаните кои ќе ја примат вакцината, да им ја пополниме согласноста ако ја немаат примено, некогаш треба да ги однесеме и до вакциналниот пункт, вели д-р Лилјана Ристевска, претседател на Црвен Крст Битола. 

Во битолскиот пункт вчера беше добиена и третата пратка од 3000 вакцини од „Синофарм“.