Македонија
21. January 2020 - 19:32

ВМРО-ДПМНЕ со забелешки на текстот на законот за ЈО - нова средба до крајот на неделата

Работни групи, а не лидерска средба за законот за обвинителство договориле претставниците на првите луѓе на сдсм и вмро-дпмне Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Како што брифираат од опозициската партија на средбата меѓу Бојан Маричиќ, советник на Заев и Тимчо Муцунски, советник на Мицкоски станало збор за можните решнија и за реактивирање на дијалогот меѓу власта и опозицијата за ова законско решение во кое се решава и статусот на обвинителството за гонење на висок профил на корупција.

- Најавени се предлози и забелешки од страна на ВМРО-ДПМНЕ кои ги изработуваат стручните тимови по што се очекува и средба на работните групи кон крајот на оваа или наредната недела. Камен на сопнување продолжува да биде не избалансираното законско решение со кое засега не се гарантира независно јавно обвинителство кое е подложно на политички злоупотреби, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ

Во меѓувреме, двете партии продолжуваат меѓусебно да се обвинуваат за тоа кој не сака европски закон за да го заштити криминалот во своите редови.

Од друга страна, по најавите на Заев дека почнал преговори со пратеници за обезбедување на 2/3 мнозинство денеска молк од пратениците кои се најзасегнати. Јасно е дека Заев може да смета на независните Панчо Минов и Заекир Рамчиловиќ кои од неодмна почнаа да даваат поддршка на власта.

Деновиве  интерен состанок за законот ќе има групата од независни пратеници излезени од ВМРО-ДПМНЕ за да ги кажат своите забелешки по однос на законот и дали ќе изградат единствен став по него.  Извори од групата велат дека Емилија Александарова и Нола Исмаиловска би сакале да влезат во преговори со Заев, но доколку се прифатат неои нивни забелешки. Останатите немаат изграден став.

Без став се и пратениците на опозициската БЕСА. Тие засега не биле контактирани од Заев, но потсетуваат дека тој не го испочитувал договорот од времето на уставните измени кога дале поддршка но не добиле ништо.

Во ДУИ пак, велат дека законот е битен за евроинтеграциите и треба партиите да ги надминат своите интереси и да донесат закон со кој се гони висок профил на корупција. Сепак, партиски извори коментираат дека шансите да се донесе ваков закон пред распуштањето на парламентот се мали.