Македонија
5. July 2017 - 18:33

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ќе го врати образовниот систем назад

Антиреформските чекори на СДСМ во образованието изминатите триесетина дена, како укинувањето на екстерното, дел од дисперзираните студии и намалувањето на државните квоти за студирање само навестуваат дека место да оди напред, образовниот систем ќе се врати неколку стотици чекори назад. Ова денеска го изјави Лука Кржалоски од ВМРО-ДПМНЕ. 

- Учениците, кои од септември продолжуваат во прва година средно образование, математика, биологија, хемија и физика ќе учат по застарена и често критикувана материја, која е некомпатибилна со најновите достигнувања и информации во соодветните области. Предавањата наместо на креативен начин, повторно ќе се реализираат преку класично диктирање и пишување со креда на табла, рече Кржалоски. 

Овој чекор, како што рече, е последица на некадарноста на структурите на СДС, недостигот на идеи и јасен концепт за унапредување на квалитетот на образовниот систем во земјата.

- СДС укинува реформа која донесе значајни промени и исклучителен квалитет во македонскиот образовен систем, што е потврдено и во извештаите од мониторингот на Кембриџ, кој констатира зголемена интеракција на часовите и повисок интерес кај учениците за следење на наставата, за вклучување во дискусија и размислување, поголема иновативност во предавањата од страна на наставниците и позитивни промени во педагогијата на поучувањето. А тоа се параметри и ефекти кои требаше да бидат остварени и во средното образование, нагласи Кржалоски. 

Одлуката за стопирање на примената на наставните програми и учебници кои, како што рече, кај нас се воведени од страна на владата предводена од ВМРО–ДПМНЕ, како системско решение на национално ниво, ќе предизвика директна штета по однос на знаењето на учениците, гнев кај родителите, но и револт кај наставниците кои се веќе обучени и добро оспособени за работа..