Македонија
16. February 2020 - 16:41

ВМРО-ДПМНЕ најверојатно нема да предложи нов министер за труд и социјална политика

Најверојатно празно ќе остане министерското столче во труд и социјала во техничката Влада по разрешувањето на Рашела Мизрахи. Техничкиот премиер побара ВМРО ДПМНЕ да предложи нов кандидат, а од опозициската партија официјално изјавија дека се уште анализираат дали ќе достават нов предлог. Од ВМРО ДПМНЕ и денеска тврдат дека Мизрахи не ги прекршила законот и Уставот, туку била разрешена зошто не молчела за криминалното работење на кадрите мна СДСМ. Од опозицијата посочија дека и договорот од Преспа предвидува рок за внатрешна употреба на придавката пред името,  и затоа многу државни институции сеуште не направиле промени во Централниот регистар или УЈП.

-Така на пример на официјалната веб страна на Управата за јавни приходи, во делот каде може да се пребаруваат сите даночни обврзници во Република Македонија, се уште има државни институции, министерства, агенции, комисии кои се заведени и чие име е Република Македонија. Тоа се:

-          Влада на Република Македонија - Секретаријат за информации Скопје

-          Министерство за надворешни работи на Република Македонија

-          Агенција за енергетика на Република Македонија, изјави Благица Ласовска, пратеник од ВМРО ДПМНЕ.

СДСМ пак преку соопштение го повтори ставот дека Со разрешувањето на Мизрахи биле заштитени интересите на граѓаните и сите членови на Владата мора да го почитуваат Уставот и законите.

-Никој не смее да го крши Уставот и да се обидува да ја врати земјата назад во изолација, да ја оддалечи од НАТО и ЕУ заради туѓи или партиски интереси.

Владеењето на правото и правната држава подразбира одговорност и одговорност мора да има, стои во соопштението од владејачката партија.

Инаку Владата на синоќешната седница ги поништи решенијата за кадровски промени и овластувања на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи донесени на 14 февруари, на денот кога во Собранието беше покрената постапка за нејзино разрешување. Решенија за распределување на работни места биле поништени и на техничкиот министер од ВМРО ДПМНЕ во МВР Наќе Чулев.