Македонија
31. July 2021 - 16:47

Власта попушти за измените во изборниот законик, ќе се следат препораките на ОБСЕ/ОДИХР и помалите партии

Ќе се менува изборниот законик за да се прифатат забелешките од ОБСЕ/ОДИХР и политичките партии најави премиерот Заев. За реакциите во однос на предложениот праг од 2 отсто за поднесување независни листи, премиерот истакна дека постои опција и целосно да биде укинат и најави дека како политичар ќе ја поддржи одлуката што ќе ја донесат пратениците.

Се поизвесно е дека измените ќе се носат по годишниот одмор на пратениците, но дали ќе биде применлив за претстојните избори се уште е нејасно. Во однос на преговорите на СДСМ со коалиционите партнери за поддршка на локалните избори истакна дека соработка има и е доблест што се голема коалиција која води грижа пред се за да ја испочитуваат определбата на граѓаните.

Од БЕСА кои прво се заканија дека ќе ја напуштат коалицијата доколку СДСМ не ги поддржи во Тетово, сега велат дека нема да се потпираат на претпоставки.

Како што најавија од БЕСА на овие избори во општините со албанско мнозинство тие ќе настапат со свои кандидати но сепак ќе имаат соработка со коалициските партии во Влада. Ова го договорија лидерите на двете партии Заев и Касами. Претходно Заев се сретна и со лидерот на ДУИ а договори соработка и со првиот човек во ДПА.