Македонија
24. October 2020 - 16:38

Власта и опозицијата со различен став за односите со Бугарија

Опозицијата повикува на единство, власта гледа шанса во постојниот договор.. Најголемите политички партии имаат различен став по најавата за бугарско вето за почеток на ЕУ преговорите за Македонија. Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат владата да превземе силна дипломатска офанзива за заштита на македонските национални интереси но и јавно да каже дали Гоце Делчев е Македонец..

„Шансата на оваа власт е сега да се сплоти со сите политички партии и да пружи рака за вакви прашања. Не да се пазари. Не повторно да прави трговија со Гоце Делчев, со Македонците, со револуционерите со македонскиот јазик. Македонскиот јазик никогаш не треба да ставен во ниту една  равенка за преговори, ниту пак сите револуционери. Затоа пак ќе повторам, диплоиматска офанзива за она што е македонско и македонска нација. Имаат шанса владата тоа да го направи, но гледаме веќе подолго време не излегуваат на ниту еден прес да кажат, ниту пак нешто да направат. Затоа нека се освестат, ова не се нивни лични работи, сепак се работи за државата“, изјави Владо Мисајловски, Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ..

Владеачката партија се надева дека проблемот со Бугарија ќе се надмине со примена на договорот кој го потпишаа двете држави.. Придонес во тоа сметаат да има и работата на мешовитата историска комисија..

„Со Бугарија имаме договор за соработка и за добрососедство и патем да напоменам тој договор е потпишан и на македонски јазик. Очекуваме во духот на овој договор да продложиме заеднички да ги градиме односите и меѓусебно да си даваме поддршка двете земји. За темите кои се дискутираат во изминатиот период и кои проиилзегуваат од овој договр за добрососедство изразуваме воља да ги решаваме преку работа на комисиите кои сметам дека се наделжни  да ги решаваат овие теми“, изјави Марија Георгиевска, пратеник на СДСМ.

По посетата на Бугарија од поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, од неговата партија велат дека властите во Софија не барале промена на македонскиот устав ниту пак нов договор за добрососедство..  Очекува бугарските власти да го земат предвид и напредокот постигнат со работата на македонско-бугарската комисија..

„И покрај тоа што можеби не работи со идеално темпо, сепак таа има направено големо поместување напред што треба да биде позитивно оценето од страна на нашите соседи“, се вели во известувањето од ВМРО-Народна партија..

Бугарскиот вицепремиер Каракачанов, вчера за Сител изјави дека блокадата на пристапните преговори за Македонија во декември ќе биде добра за односите меѓу двете земји, за како што рече да натера некои македонски политичари да се разбудат од југословенскиот сон кои треба да разберат дека без исполнување на ветеното не може да се оди во Европската унија..