Бизнис
26. September 2022 - 16:36

Владата уверува дека храна ќе има, на цената не може да се влијае

Државата е немоќна да го ублажи ценовниот шок. И покрај замрзнатите маржи, основните производи во маркетите секојдневно поскапуваат. Министерот за земјоделство уверува – храна ќе има доволно, ама не знаеме колку ќе поскапи. На сточарите им даде ветување дека до нова година ќе им бидат исплатени сите субвенции.

Николовски потенцира дека националниот план кој го подготви министерството треба уште повеќе да не направи увозно независни со тоа што ќе се зголеми земјоделското производство и истото, преку низа мерки, ќе остане дома.

Во меѓувреме, производителите на масло за јадење велат дека сончоглед засега нема да се увезува. Производството е двојно зголемено за разлика од лани, а земјоделците на време ќе ги добијат своите пари. Според нивните прогнози, цената на маслото нема да се менува до пролет.

Инаку маслото за јадење е еден од производите кои најмногу поскапеа. Според статистиката, литар масло во јануари годинава се продаваше за 100 денари, а во август достигна сума од 142 денари.