Македонија
2. April 2020 - 16:59

Владата смета дека мерките ќе опфатат 87 проценти од фирмите, опозицијата смета дека се недоречени и рестриктивни

Владата тврди дека за мерката за финансиска помош за исплата на плата ќе може да аплицираат дури 87% од приватните фирми. Ќе може да користат една од двете опции: државна помош во висина до 14.500 денари за секој вработен или покривање на 50% од придонесите по работник за месеците април и мај. Според владина пресметка, со оваа мерка ќе бидат опфатени околу 35.000 фирми, односно пари ќе има за околу 250.000 работници. Корисниците на оваа мерка ќе имаат обврска да го задржат истиот број на вработени заклучно со месец септември. Мерката ги опфаќа и занаетчиите и физичките лица вршители на самостојна дејност.

Од друга страна, опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека со овој тип помош голем број од фирмите воопшто не се опфатени. Бараат веднаш да се направи нов план на сеопфатни мерки за помош на стопанството.

“Мерката којашто помпезно беше најавувана е недоволна и претставува измама и привид дека нешто се помага. Мерката е рестриктивна и е далеку од доволна за помош за компаниите за да ги задржат сите вработени на своите работни места. Оливер Спасовски денеска им порача на компаниите дека никој нема да им ги покрие загубите за месец март. 
Второ, само мал број на компании ќе го искористат полниот износ од 14.500 денари, затоа што мерката се врзува со бројот на работните часови на вработените, односно на ефективни работни часови, како што говорат”, вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Сите детали за мерката, но и кој сè ќе може да аплицира за овој тип финансиска помош ќе бидат објавени утре во Службен весник, како и на веб страницата на Влада.