Бизнис
5. December 2022 - 16:42

Владата разочарана што директорите натрупале долг од 40 милини евра кон ЕВН, најавува одговорност и јавен список на должниците

Разочараност во Владата. Не можат да разберат како директори на јавни институции натрупале долг од 40 милиони евра кон ЕВН. Списокот на должници, според министерот Бектеши, јавно ќе биде објавен за граѓаните да имаат увид во тоа кои директори не ги плаќале сметките за струја.

-Недомаќинско, неодговорно, непрофионално работење нема да се поддржи од страна на централната власт. И тоа ќе биде објавено јавно, транспрантно преку сите механизми што ги имаме на располагање, рече Бектеши.

Владините претставници се на ставот дека одговорност за директорите чии институции можат да останат во мрак мора да има. Но, за какви санкции станува збор, не открија.

Долгот државата ќе мора да го плати, но засега не се знае од каде ќе бидат повлечени парите и кои институции ќе добијат државна помош. Единствено е познато дека Финансии ќе го проверува буџетот, ставка по ставка, за да се види од каде можe да се префрлат пари за да се намали долгот на Клинички и тој да не остане во мрак.

-Во делот на обврските, секако дека тие треба да бидат исплатени, заради тоа се и обврски. Обврски кои се направени од тие институции, рече Бектеши.

Освен Клинички и МЖ Транспорт кои во петокот добија предупредување пред исклучување, ЕВН в среда истото ќе го достави и до сите други институции кои не ги плаќале сметките за струја. Меѓу нив има затвори, судови, факултети, студентски домови...

Клинички должи над 7 милиони евра, МЖ Транспорт 6 и пол милиони евра. Оправдувањето на Клинички е дека долгот е направен поради пандемијата од Ковид-19. Железници, пак, почнале да се задолжуваат уште во 2018 година поради, како што велат, тешката финансиска состојба во која се наоѓа Друштвото и целокупната негова состојба како загубар.

Управниот одбор на компанијата и Владата во моментот преговараат за да најдат начин за исплата на долгот, но од МЖ Транспорт предупредуваат дека последиците од евентуланото исклучување од системот би биле енормни.

-Тоа би било штета од енормни размери а секако би се одразило и на стопанството и на патниците бидејќи ние сме Акционерско друштво во државна сопственост на Владата на РСМ и со главна дејност од посебен општествен интерес – железнички транспорт на патници и стока и ако EVN со правото што го има според правилникот за снабдување ни исклучи електрична енергија, ќе претрпиме огромни финансиски загуби и тоа ќе се одрази на целокупниот технолошки процес на Друштвото, велат од МЖ Транспорт.

Сепак, оттаму уверуваат дека годинава успеале да ги намалат сметките и да направат сериозна заштеда.