Бизнис
31. July 2020 - 16:47

Владата од вторник ќе бара кривична одговорност за газдите кои ја злоупотребувале државната помош

Првиот работен ден, односно во вторник Владата до Обвинителството ќе поднесе претставка кривично да одговараат газдите кои зеле државана помош, а не им исплатиле плати на вработените. Покрај тоа што ќе ги вратат парите со камата им се заканува и затворска казна од 1 до 10 години. Според листите кои ги објави Владата, најголема помош од државата од 23 илјади евра за април и мај зела  Викторија Инвест Елбасан, за на 86те вработени да им исплати плати. Парите си ги ставиле в џеб, а работниците не добиле ни денар. Останатите фирми побарале од 1.500 до 4.000 евра субвенции за исплата на плати, но има и такви кои побарале само 14,500 денари помош и таа заборавиле да ја префрлат за плата.

Казни за работодавачите ќе има, но работниците мора да си ги добијат парите, побара и вицепремиерката Царовска.

„Платите итно треба да се исплатат на работниците, треба да се покаже одговорност од нивна страна, ова е голем пропуст којшто е направен и секако дека санкционирање на фирмите ќе се случи. Во моментов Генералниот секретаријат на Владата ги разгледува правните можности, се покренуваат сите елементи коишто се можни и за истото наскоро ќе бидете известени“, вели Царовска.

Наредната недела ќе бидат истакнати и листите на газдите кои не ја исплатиле сумата во целост. Станува збор за 3,700  компании кои на над  53 илјади  вработени им дале помалку од минималецот кој го добиле од државата.

Синдикалниот лидер денеска ги повика работниците кои биле изиграни од газдите да пријават во ССМ. Тие во име на работниците ќе покренат кривични пријави против, како што велат, секој алчен газда кој си ги присвоил парите за себе. Потсетуваат и дека јулската минимална плата е зголемена и истата изнесува 14,934 денари.