Бизнис
20. February 2020 - 16:51

Владата најавува јавно-приватно партнерство за Чебрен, опозицијата смета дека е на повидок скандал

Нов обид за изградба на хидроеелектраната Чебрен. По десетина неуспешни тендери до сега, повторно е објавен меѓународен јавен повик, но овој пат проектот би се реализирал како јавно-приватно партнерство. Според проценките, изградбата на Чебрен ќе чини најмалку 570 милиони евра, пари што ќе треба да ги обезбеди приватниот партнер. Во име на државата, јавен партнер во новоформираната компанија ќе биде АД ЕСМ, од каде нема да инвестираат дирекни финансиски средства.

“Во однос на тоа што дава државата, односно ЕСМ, во проектот, тоа е следното: наша обврска е изградба на пристапниот пат до хидроцентралата, потоа приклучокот, односно трафостаницата и како наш удел во новата заедничка компанија со приватниот партнер ќе биде внесена хидроцентралата Тиквеш, која е на истиот слив, односно на Црна Река и единствено можно е двете заедно, Чебрен и Тиквеш, да функционираат во една целина, бидејќи зафаќаат вода од истото течение и си влијаат една на друга”, изјави Васко Ковачевски, директор на АД ЕСМ.

Концесијата ќе се додели за период од 60 години. Јавниот повик трае до 3 април, а тендерот ќе го добие тој што ќе понуди најголем процентуален удел на државата во новата компанија. Веќе седум странски фирми подигнале документација за да аплицираат.

Но, додека властите се оптимисти дека проектот Чебрен конечно ќе се реализира, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека на повидок е нов скандал.

“Ова е втор бонбона бизнис на СДСМ. Оваа влада без ронка срам планира нашето најголемо природно богатство, водата, да го раскрчми, со тоа што државната компанија ЕЛЕМ нема  да биде мнозински партнер во новоформираната заедничка компанија. Со ова се отвара можност концесијата на Црна Река во целост да потпадне кај приватен партнер близок до СДСМ”, изјави Стевче Антовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Хидроцентралата годишно ќе произведува 1.000 гигават часови електрична енергија, што е една четвртина од вкупното производство. Првите количини струја би требало да потечат за 5 години. Реализацијата на Чебрен претставува дополнителна стабилност во енергетскиот систем, а ќе овозможи производството на струја од јаглен постепено да се замени со чиста енергија.