Македонија
20. јуни 2021 - 16:43

Владата и натаму не ја открива содржината на предлогот доставен до Софија

Власта и натаму го крие предлогот кој Заев му го однесе на Јанев во Софија, обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата стравуваа дека станува збор за ново предавство на македонските национални интереси.

Владата и натаму стои на ставот дека ВМРО-ДПМНЕ шири дезинформации но 3 дена не откриваат што содржи предлогот кој Заев го однесе во Бугарија. Во писмена реакција само повторуваат дека за јазикот и идентитетот не се преговара, без детали на што се однесуваат разговорите.

„Јасни се македонските позиции за идентитетските линии, а тоа е дека нема и нема да има преговори за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик и тоа го знаат и го разбираат сите вклучени во процесот. Јасно и категорично ги отфрламе како неточни и штетни информациите објавени во дел од медиумите во кои се спомнуваат некакви формулации за решенија. Таквите дезинформации имаат намера да му наштетат на процесот. “ – стои во писмениот став на Владата.

И во СДСМ велат дека процесот се води транспарентно иако ниту тие не откриваат што предложил Заев во Бугарија.

Во меѓувреме Македонија и натаму останува една од главните теми во веќе разгорената предизборна кампања во Бугарија. Малите партии како онаа на Каракачанов практично целата своја кампања ја водат врз македонското прашање а ништо подобри не се ниту големите партии каде доминираат позиции дека патот до Брисел за Македонија води единствено преку прифаќање на бугарските ултиматуми.