Бизнис
20. April 2021 - 20:04

Владата го објави шестиот пакет мерки за помош

Нов пакет мерки за помош на стопанството. Овој, шести по ред пакет, главно е насочен кон секторите кои во изминатите две недели се затворени со одлука на Влада, а ќе останат затворени најмалку до следниот вторник.  Се работи за 12 сектори во кои има 10.000 компании со 60.000 работници. Целиот пакет тежи 17,8 милиони евра.

За најпогодениот угостителски сектор има најмногу пари или 9,9 милиони евра. Овде се опфатени 17.000 лица во 6000 фирми. За нив ќе има и директна парична помош и помош за работниците.

Иста ваква помош ќе добијат и рестораните за свадби, ноќните клубови и слично. Еднократна помош од 30.750 денари ќе добијат музичарите и туристичките водичи. И овој пакет помош обезбедува бескаматни кредити за погодените компании.

Шестиот пакет мерки содржи помош и за туристичкиот сектор. Агенциите со Б лиценца ќе добијат по 2, а тие со а лиценца по 5000 евра. Државата ќе обезбеди и 50.000 бесплатни ПЦР тестови за странските туристи во земјава.