Македонија
3. јуни 2020 - 21:02

Викенд карантин за Скопје, Тетово, Куманово и Штип од утре во 21 часот до понеделник наутро

80 часовен карантин за Скопје, Штип, Куманово, Тетово, Липково, Јегуновце, Брвеница, Желино, Теарце и Боговиње. Продолжениот викенд, односно од утре од 21 часот навечер до понеделник до 5 часот наутро жителите во овие градови ќе останат затворени дома. Алармантниот број од 101 заразен изминатите 24 часа ги натера здравствените власти да предложат ригорозни мерки. За останатите општини ќе има полициски час кој во петок, сабота и недела ќе биде од 16 часот попладне до пет часот наутро следниот ден.

Комисијата за заразни болести ги даде овие препораки за да го спречат ширењето на заразата. На попладневниот вонреден состанок освен членовите присуствувале и претставници од повеќе центри за јавно здравје во државата кои реагирале дека не можат да работат на терен поради несоработката со семејства каде има позитивни случаи на Ковид 19. Во неколку региони во земјата епидемиолози се соочувале со проблем да ги пронајдат лицата кои се во самоизолација, добивале лажни податоци а наидувале и на отпор кај граѓани кои не сакале да кажат со кого се биле во контакт. На состанокот присуствувале и претставници од МВР од кого Комисијата побарала поголема ажурност како и санкционирање на сите кои не ги почитуваат мерките.

Од денешните 101 регистриран случај повеќе од половината, односно 59 се од главниот град. Најголем број од нив не се од веќе познатите кластери туку се нови случаи и како што велат епидемиолозите, зараџзени има во речиси сите скопски општини. Во денешната здравствена статистика се евидентирани и 4 смртни случаи на возраст од 58 до 84 години. На Инфективна почина пациент од Прилеп а во ГОБ 8ми септември пациенти од Скопје, Тетово и Куманово.

Од 974 направени тестирања, 132 се во рамки на скринингот во градинките и старските домови. Позитивни на Ковид 19 се две вработени во предучилишни установи во Штип.

Инаку од денешните случаи на заразени со корона вирусот има и двајца вработени во Државниот просветен инспекторат од каде с еуште незнаат колку лица од оваа државна институција ќе одат во самоизолација.