Loading Video...
Балкан
21. November 2020 - 16:25

Верниците со последен поздрав до српскиот патријарх Иринеј

Под будното око на јавноста, со масовна посетеност и придружба на српската гарда - вака се одвива испраќањето на српскиот патријарх Иринеј до неговото вечно почивалиште храмот Свети Сава, во Белград. Ковчегот на архиепископот кој почина од ковид, поставен на средината на црквата, беше покриен со стакло. Верниците кои дојдоа да се простат од него беа во голем број пред и во црквата. Дистанца речиси и да немаше. Ретко се носеа и маски. Дел од граѓаните го бакнуваа ковчегот.

Патријархот Иринеј утре ќе биде погребан. Тој почина вчера, на 90-годишна возраст. Со корона вирусот се бореше две недели. На први ноември тој ги предводеше погребот и литургијата на Црногорскиот митрополит Амфилохије кој исто така почина од последици од Ковид-19.

Во Србија во последните 24 часа починале 30 лица, а се заразиле над 6000. Поради сериозноста на ситуацијата, во Србија од вторник угостителските објекти, обложувалниците и трговските центри ќе работат до 18 часот. Задолжително е носење маска на отворено и затворено, а забрането е групирање на повеќе од пет лица.