Македонија
15. April 2021 - 12:40

Вакцинирани 350 лица во Штип

Нема пријавено контра индикации од примањето на вакцината на АстраЗенека во Штип. Само мал процент од над 350 граѓани, постари од 75 години, кои се вакцинираа против Ковид 19 од започнувањето на имунизацијата во Здравствениот дом, изјавиле дека имаат блага реакција на организмот.

- Ние спроведуваме интерни анкети. Од досега анкетираните пациенти немаме пријавено ниту една несакана реакција, освен очекуваните, на покачена температура и малаксаност, изјави д-р Дијана Коцева-Миланова, одговорна за ковид-вакцинација во Штип.

Некои пријавени граѓани преку матичните лекари не се појавиле на закажаните термини за вакцинација.

- Тоа е мал процент, но од ним познати причини не доаѓаат, додаде Коцева-Миланова

За вакцинација има интерес и од помладите од 75 години, но засега се чека одобрение од Министерството за здравство за спуштање на возрасната граница. Доколку пристигнат најавените количини и од останатите вакцини, Коцева вели дека се подготвени да се справат со предизвикот и да вакцинираат 10 пати повеќе од сегашната динамика.

- Располагаме со персонал кој може да одговори на потребите на граѓаните. Тоа се медицински сестри кои долги години работат со вакцинација и се обучени за апликација на вакцините кои ги очекуваме да пристигнат. Би можеле да организираме и втора смена, викенд работа и да оплсужуваме околу 400 до 500 граѓани дневно, изјави Коцева-Миланова

 Во Штип досега се пристигнати 700 дози на вакцини.