Македонија
28. March 2023 - 16:39

Утре во Битола протести со барање „Правда за Јана“

Една недела по смртта на малата Јана утре ќе се одржи протест во Битола во 19 часот на плоштадот Магнолија. Семејството Христовски, роднини, пријатели и револтирани граѓани под мотото „Правда за Јана“ бараат да се дознае вистината од што почина 5 годишното дете. Кумот на девојчето Игор Петковски, кој е еден од организаторите на протестот преку објава на социјалните мрежи пишува.

- Низ времињата наназад сум водел многу заеднички битки со вас драги браќа и сестри битолчани, НО,  ова ми е најтешка,најемотивна и неопишливо жална и болна....

Тој ги повикува граѓаните што помасовно да излезат и да кажат ДОСТА Е, од прерано заминатете чеда, од негрижата, нестручноста, партизацијата, лошите услови, префрлање на вината кон пациентите.  ДОСТА Е ОД Комплетна НЕФУНКЦИОНАЛНОСТ НА ЗДРАСТВЕНИОТ СИСТЕМ!!!

БАРАМЕ: 1.ПРАВДА ЗА ЈАНА-ВЕДНАШ, 2.ОСТАВКИ, 3.РЕФОРМИ....- стои во објавата на Петковски за утрешниот протест.

Во меѓувреме во Клиничката болница Битола стручен надзор како и со што било лекувано детето врши и Комисијата формирана од министерот за здравство. Од Кабинетот на Фатмир Меџити откако вчера не одговорија на прашањето на Сител дали е извршен надзорот најавен уште во петокот, денеска информираат дека стручната Комисија е на терен, а ја сочинуваат 5 лекари, детски ендокринолог, кардиолог, пулмолог, хематоонколог и анестезиолог. Се уште нема детали за јавноста што констатирале.

Малата Јана почина во средата после примена инфузија, неполни 5 часа од приемот во битолската клиничка болница. Семејството се сомнева на лекарска грешка, а ДСЗИ заклучи дека нема недостатоци во лекувањето на девојчето.

Обвинителството се уште ги чека резултатите од обдукцијата која треба да ја утврди причината за смртта.